Во просек за 11 % се зголемуваат ученичките стипендии кои ќе се исплаќаат со стартот на новата учебна година. Со владината одлука којашто е донесена во понеделникот наместо досегашните од 2.200 до 2.970 денари на месечно ниво учениците ќе добиваат стипендија во висина од 3.500 денари. Вкупниот годишен износ кој ќе се распределува за оваа намена од речиси 87 милиони денари се зголемува на 97,8 милиони денари, а ќе бидат опфатени 3.100 ученици.
Ова го изјави министерката за образование и наука Мила Царовска по средбата со средношколските и студентските здруженија кои ја поздравија одлуката за зголемување на износите и воведување на нови стипендии.
„Заедно со претставниците на средношколците и со работната група МЛАДИ-МОН изминатите десет месеци работевме на анализи и план за зголемување на ученичките стипендии со цел да го стимулираме нивниот труд, знаења и успеси, но и да ги поттикнеме да се запишуваат во дуалните паралелки кои заедно со стопанските комори, компаниите и локалните самоуправи ги воспоставивме во средните стручни училишта. Политиката на стипендирање е проширена, како од аспект на видовите на стипендии, имаме повеќе нови категории за да се опфатат што повеќе млади, но и значително зголемени износи за голем дел од постојните, за да навистина ја почувствуваат материјалната поддршка од државата“, рече Царовска.
Министерката истакна дека фокусот на уписните политики е средното стручно образование кое се покажува како дефицитарно и нуди просперитет за младите, затоа најбројна категорија се стипендиите за ученици што ќе се запишат во дуални паралелки во четиригодишно стручно образование, но и ученици што ќе се запишат во тригодишно средно стручно образование.
„Поголема категорија се и стипендиите за социјална поддршка, за да излеземе во пресрет на учениците чии семејства имаат месечни приходи под она што значи оптимум за нормално живеење и функционирање“, рече Царовска.
За сите видови стипендии ќе се објавуваат конкурси и заинтересираните навремено ќе бидат информирани за сите услови, критериуми и рокови за остварување на ова право.
Министерството за образование и наука преку работната група МЛАДИ-МОН ќе продолжи да креира политики со кои се подобрува стандардот и условите за учење за младите.