Царовска: Пандемијата е тест за образовниот систем и дигитализацијата во него

На меѓународниот состанок на министрите за образование од земјите од Југоисторчна Европа, на којшто домаќин е Турција, зазема учество и Министерството за образование на нашата земја, предводено од министерката Мила Царовска.

Како што информираа од МОН, Царовска во своето обраќање го посочила фактот за брз процес на дигитализацијата во образованието, „благодарение“ на пандемијата, и истовремено нагласила дека се важни брзите и темелни реформи насочени кон квалитетниот образовен процес на децата.

„Покажавме дека можеме и во вонредни околности да организираме успешна настава и за исклучително краток рок да воспоставиме учење на далечина. Тоа ни беше многу важно затоа што секое изгубено време во учењето и развојот кај децата остава ненадоместливи последици не само за нив, туку и за државата. Во моментов над 90 проценти од учениците успешно следат онлајн-настава, а без проблеми се одвива и наставата со физичко присуство. Со добро осмислени протоколи, успеавме училиштата да не бидат трансмитери на заразата“, истакна министерката Царовска.

Како што посочува Царовска, оваа пандемија е тест за образовниот систем, но и можност како што вели, за трансформација со цел учениците да стекнуваат знаеља и вештини.

Покрај во дигитализацијата и вложувањето во пристапот до ИТ-инфраструктура, Министерството за образование и наука силно е посветено во инвестирање во развојот на вештините на наставниците, како најважен фактор за квалитетот на наставата, потенцираше министерката.

Состанокот е организиран во рамките на процесот на соработка во Југоисточна Европа со цел, како што наведува МОН, да го поттикнe заедничкото дејствување во областа на образованието и да овозможи размена на искуства и знаење за да се минимизираат негативните ефекти од пандемијата преку нови приоди во образованието и да се обезбеди квалитетно образование на сите нивоа.

Слични содржини