Царовска: Секој родител кој се обидува на ученикот да му наметне печатен учебник прави штета

од Nikola Popovski
460 прегледи

МОН е информирано дека во некои книжарници се продаваат комплет учебници за четврто одделение за кое од оваа година треба да се употребуваат дигитални, вели министерката Мила Царовска.

Според неа, Бирото за развој на образованието нема издадено одобрение на никого за печатење примероци.

-Ако ми посочите каде се наоѓаат, тогаш јас тоа директно би го пријавила во Министерството за внатрешни работи како што направив и во претходни случаи кога имав сознанија дека такво нешто се случило и каде што имаше постапување, изјави Царовска по учеството на конференција за унапредување на финансиската едукација на учениците од средните стручни училишта.

Таа додаде дека секој родител кој се обидува на ученикот да му наметне печатен учебник прави штета, не му прави добро.

-Со користење дигитални улчебници е свесно поставено така за да добиеме и подобра дигитална псименост, но и да им посочиме на учениците дека користењето електронски уреди не се само за играње, туку се и места за учење и примање знаење, истакна Царовска.

Министерството за образование има набавено печатени верзии на учебниците, станува збор за 20 отсто од вкупниот потребен тираж, и тие учебници се пратени до школите за да им се дадат на учениците кои немаат електрична енергија дома да може да ги имаат кај себе, а одреден број примероци и за користење во училишните библиотеки.

Царовска потенцираше дека развојот на образовниот систем и обезбедувањето на поквалитетна едукација за младите, не е само одговорност на Министерството за образование и наука, туку и на сите општествени чинители – поединци и институции кои се засегнати и можат да помогнат во овој дел и затоа е благодарна што Комисијата за хартии од вредност и Берзата покажуваат иницијатива и се вклучуваат во заложбите за подобри образовни можности за младите во државата.

Слични содржини