Царовска: Тоа што ќе успееме да го направиме во образованието е историски предизвик и одговорност

од Vladimir Zorba
235 прегледи

Почетокот и спроведувањето на учебната година на сите нивоа на формално и неформално образование се едни од најсериозните предизвици за мене, МОН и за Владата, вели во интервју за „Факултети“ новата министерка за образование, Мила Царовска.

– Тоа е сосема критичен и одговорен процес сам по себе бидејќи генерира огромен број засегнати поединци. Обврската е огромна, одговорноста уште повеќе. Во услови на пандемија и на сосема неочекувани и непланирани околности, верувам дека многумина нема да се нафатат да ја преземат одговорноста да се соочат со предизвиците, кои се непоимливи за целиот глобален систем, без разлика на развиеноста на државите и соодветните образовни системи. Конкретно, сосема поинаква ќе беше мојата мисија во услови без пандемијата на коронавирусот и оваа сегашната, каде што мораме сите, без исклучок, да покажеме врвна умешност, знаење и пред сè посветеност и искрена волја да направиме максимум, да создадеме услови да ја креираме нормалноста во еден од најчувствителните сегменти на една држава, вели Царовска.

И пред да стане министерка, вели Царовска, „за мене образованието беше сегмент во кој се интегрираат највисоките морално-етички вредности, фундаментални и апликативни знаења и клучна вредност за секоја држава, за секоја економија, но и емоционално, за секој родител/старател, за секое семејство“.

– Знаете, да бидам повеќе од конкретна, грешка во инфраструктура се исправа со неколку зафати и тоа може да трае неколку дена. Но грешките, како во минатото, во образованието траат со години, децении. Зафатот и да е можен, веќе има неповратни последици. И тоа за мене е политички, но многу повеќе личен, емоционален, колективен предизвик. Тоа што ќе успееме да го направиме во образованието е историски предизвик и одговорност. Многу работи се направени претходно, и јас сум благодарна, но уште повеќе работи мораме да направиме итно, сега, нужно, за понатаму да се продолжат. Исто како во образованието, почнувате во основно, па средно образование, сакате да продолжите на факултет, и ако сте успешни и имате мотивација, и понатаму, вели новата министерка.