Царовска: Учебниците на Брајово писмо се чекор плус кон квалитетно и инклузивно образование

од Берта Китинска
166 прегледи

Со печатењето на учебници за децата со оштетен вид покажуваме дека за Владата и за Министерството за образование и наука сите деца се еднакви иако се различни. Ги видов насмеаните лица на четвртооделенците кои читаа од новите учебници со Брајово писмо. Нема подобра политика од онаа што отстранува пречки, овозможувајќи им еднакви можности на сите ученици, рече министерката за образование и наука Мила Царовска по посетата на ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ во Скопје, училиште кое спроведува настава за деца со посебни образовни потреби.

За прв пат во учебната 2021/2022 година Министерството за образование и наука овозможи печатење на новите учебници за прво и четврто одделение, според новите наставни програми, со Брајово писмо, за учениците со оштетен вид.

Царовска нагласи дека образовната реформа, со која го подобруваме образовниот систем и го доближуваме до оној во развиените земји, не би била целосна, доколку дел од нашите деца се исклучени.

„Новите материјали за учење прилагодени на деца со оштетен вид и слабовидните, за нив се многу значајни не само затоа што им овозможуваат да стекнуваат знаења туку и им даваат чувство на рамноправност со нивните врсници. Квалитетно и инклузивно образование значи пристап до образование за секое дете. Бевме свесни дека овие училишта со години работеа со застарени програми и не го следеа воведувањето на новитети во основните училишта. Сега имаме учебници на Брајово писмо не само во ова училиште, туку тие подготвија учебници и за другите училишта. Печатницата што ова училиште ја има и со години не била користена, сега е ставена во функција и отсега тие ќе служат како центар за печатење книги коишто ќе бидат дистрибуирани и за децата кои се во редовна настава а имаат потреба од материјали на Брајово писмо“, рече Царовска.

Министерката најави дека училиштето ќе добива и натаму средства за да може да постигнеме квалитетно образование за сите деца со оштетен вид.

И во училиштето „Димитар Влахов“ во Скопје, учениците ја почнаа учебната година со физичко присуство. Царовска рече дека сите ги почитуваат протоколите и ги спроведуваат мерките за заштита на личното и јавното здравје, носењето маски, дезинфекција и проветрување на просториите.

Директорот на училиштето, Бобан Спасенцовски вели дека училиштето располага со просторија со соодветна опрема за печатење на учебниците кои тимот наставници ги прилагоди на Брајово писмо според новата Концепција. На овој начин учениците од „Димитар Влахов“ ќе учат по истите наставни програми како и учениците од училиштата со редовна настава.

Слични содржини