Министерката за образование и наука, Мила Царовска, во рамки на денешната прес конфереција, уште еднаш потврди дека Владата и ресорното министерство имаат обврска да ја организираат државната матура, коа е гарантирано право на матурантите. Во таа насока, Царовска, посочи дека повеќе од 14.000 ученици досега веќе пријавиле дека ќе ја полагаат матурата.
Според министерката, се помал е бројот на ученици кои се приклучуваат на бојкотот и во рамки на тоа, упати апел до родителите, наставниците и училиштата да внимаваат на учениците, кои се под притисок да бидат дел од бојкотот.
Државната матура, повтори таа, е изборна, а за тие што нема да ја полагаат можност се училишната матура и стручниот испит.
На новинарско прашање, кој е ставот по однос на притисокот од страна на наставниците кон учениците, Царовска вели дека тоа се законски обврски, и тоа се однесува на евиденцијата за присуство на часовите.
„Не станува збор за никакви притисоци, но важно е да се кажат сите елементи кои законите и правилниците во образованието ги предвидуваат“, потенцираше Царовска.
Како што вели таа, социјалниот притисок кој се случува врз учениците кои одбиваат да се приклучат на бојкотот е значителен.