Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска со неколку поранешни министри и актуелни функционери од регионот дебатираше на панел дискусија посветена на политиките против сиромаштијата, во рамки на регионалната конференција „Ефективна социјална заштита: поддршка на деца, семејства и заедници во борбата против сиромаштијата“.
-За пет години најмалку ќе знаме колку се трансформативни реформите, што ги спроведуваме. Овие социјални реформи се исклучително важни не само за да им овозможиме поддршка и услови за нормален живот на социјално ранливите семејства, туку и за да се подобри состојбата за сите граѓани, за да се задржат младите во државата и да се креира подобра перспектива за сите, истакна Царовска.
Како што информираат од МТСП, изминатите 30 години центрите за социјална работа ги губеа своите функции и своето достоинство и не го работеа она што треба да го прават. Со социјалната реформа се зголемени трансферите на пари кон најранливите, се воведува управување со случај во социјалните центри и се овозможува поддршка за преквалификација, доквалификација и вработување, како механизми за трајно излегување од сиромаштија.
Ања Копач Мрак, државен секретар од Канцеларијата на Премиерот на Република Словенија и поранешна министерка посочи дека ефективните трансфери во Словенија се 44,6 проценти, а во ЕУ е 36 проценти. Детската сиромаштија пак, која е многу важно прашање, изнесува 15,1 процент во Словенија и 21 процент во ЕУ.
-Во сите промени коишто ние ги правиме мора луѓето да ги ставиме како човечки капитал. Мора секој да биде вклучен и да изградиме социјално кохезивно општетсво. Затоа освен трансферите на помош кон семејствата се работи и на јакнење на заедниците. Имаме воспоставено мултигенерациски семејни центри. Идејата е тука луѓето да си помагаат. Но, дури и сега, процесот не е завршен и има уште работа, истакна Копач Мрак.
Гордана Матковиќ, професор на Факултетот за економија, финансии и администрација, Белград и поранешен министер за труд, вработување, прашања за борци и социјална политика, Србија, беше исто така учесник на оваа панел дискуција.
-Во еден момент бев навистина исфрустринарана бидејќи немаше можност да се координираме со министрите и да се седнат на иста маса. Во тој момент го измисливме Фондот за социјални иновации и испративме порака до донаторите коишто во тој момент ги имавме доста, посочи таа.
Славко Габер, Педагошки факутет – професор на Универзитетот на Љубљана и поранешен министер за образование, Словенија, истакна дека сега имаме проблеми по независноста, но следните генерации нашите деца, нашите внуци, како што додава, ќе бидат успешни.
-Важно е да се стабилизираат елементите на општеството при преминот од една економија до друга, од еден политички систем во друг, вели Габер.