Денеска завршува реконструкцијата на улицата „Париска“ во населбата Тафталиџе 1. Асфалтирана е површина од 5.700 м2 или 407 метри должина, со што се подобрија условите за движење по оваа сообраќајница.
Градежните активности се одвиваа подолг временски период, од причина што се работеше и на изведба на поливателни бунари за одвод на атмосферски води. Со истите, ќе се овозможи непречено движење по улицата и во случај на поголеми врнежи од дожд.
Денеска, во теренски увид на активностите беа градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Улицата „Париска“ го поврзува булеварот „Партизански одреди“ со улицата „Прашка“, токму во оној дел, којшто во минатото „настрада“ од агресивна и непланска урбанизација. Сепак, во изминативе четири години навистина вложивме во подобрување на инфраструктурата во овој дел на општината. Работевме и на поставување на нова канализациона мрежа на улицата „Варшавска“, а пробивме и сервисна улица меѓу „Прашка“ и булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Општина Карпош во меѓувреме продолжува со обнова и на улиците „Иван Аговски“ и „Гиго Михајловски“ во Карпош 1, како и на „Шекспирова“ во Карпош 2, рече Богоев.
Во периодот што следи долж „Париска“ ќе биде поставена и нова сообраќајна сигнализација, со цел да се овозможи полесна регулација на сообраќајот.
Министерот Бочварски истакна дека ресорната институција и Владата прилично вложуваат во подобрувања на патната инфраструктура во главниот град. Имено, вкупната вредности на инвестициите само во Скопје за рехабилитација на патната инфраструктура изнесува 70 милиони денари.