Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) издаде ажурирани упатства што им овозможуваат на целосно вакцинираните граѓани да патуваат во САД без тестирање на коронавирус или карантин по пристигнувањето на дестинацијата.
Претходно, ЦДЦ ги предупреди дури и вакцинираните дека не треба да одат на непотребни патувања, но изјави дека ќе ги ажурираат упатствата како што повеќе луѓе ќе ја добиваат вакцината и како зајакнуваат доказите за тоа каква заштита дава таа.
„Повеќе податоци доаѓаат секој ден, а упатствата се менуваат врз основа на нив“, рече Али Кан, декан на колеџот за јавно здравје на Универзитетот во Небраска.
ЦДЦ вели дека скоро 100 милиони луѓе во САД, или околу 30 проценти од населението, примиле барем една доза на вакцина против Ковид-19. Лицето се смета за целосно вакцинирано две недели по приемот на последната потребна доза на вакцина.
На луѓето кои не биле вакцинирани, сепак им се препорачува да избегнуваат непотребно патување.
Целосно вакцинираните лица сепак треба да носат маски, да држат социјална дистанца и да избегнуваат гужви, наведува агенцијата.
За меѓународни патувања, агенцијата наведува дека луѓето кои биле вакцинирани не треба да бидат тестирани за Ковид-19 пред да заминат, иако тоа може да биде потребно за некои дестинации.
Вакцинираните лица сè уште треба да имаат негативен тест Ковид-19 пред да влезат во лет за САД и да бидат тестирани три до пет дена по враќањето. Тие не треба да одат во карантин.
Во претпазливиот водич за патување надвор од САД, агенцијата посочи на потенцијалното појавување на нови видови на вирусот и разликата во опфатот на вакцинацијата во различни делови на светот.
ЦДЦ претходно изјави дека целосно вакцинираните лица можат да бидат посетени во затворени простории без маски или социјално дистанцирање и има правила за посети на невакцинирани.
САД започнаа вакцинирање во средината на декември со првите вакцини Фајзер и Модерна, за кои се потребни две дози, а на крајот на февруари беше одобрена вакцината Џонсон и Џонсон, која се дава во единечна доза.