Цената на „црното злато“ скокна шест проценти

од Берта Китинска

Цените на нафтата на светските пазари скокнаа за над шест проценти минатата недела и достигнаа највисоки нивоа во една година, благодарение на дисциплината ОПЕК во одржување на договорените нивоа на производство и очекувањата дека заздравувањето на економијата ќе ја зајакне побарувачката за „црно злато“.

Цената на барел на лондонскиот пазар минатата недела порасна за повеќе од шест проценти, на 59,34 долари, близу до највисокото ниво од крајот на февруари минатата година, пишува Seebiz.

На американскиот пазар, пак, барелот порасна за скоро девет проценти, на 56,85 долари, недалеку од највисоките нивоа од крајот на јануари минатата година. Силниот пораст на цените на нафтата во најголем дел се должи на дисциплината ОПЕК во спроведувањето договори за намалување на производството. Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници минатата недела го продолжија договорот за намалување на производството, кое го поддржуваше зголемувањето на цените минатата година, по големиот пад на почетокот на коронската криза.

ОПЕК и неговите сојузници веќе долго време координираат да го намалат производството за 7,2 милиони барели на ден за да се усогласат со намалената побарувачка за време на пандемијата на вирусот корона.

Слични содржини