Цените на нафтата и нафтените деривати во Северна Македонија ќе бидат најконкурентни и најмали ако ги споредуваме со цените на соседите, истакна денеска министерот за економија Крешник Бектеши при посетата на трговскиот центар „Ист гејт мол“.
– Сите резерви и државни и оперативни се полни. Испораките се прават редовно. Нема простор за грижа и паника, граѓаните да не паѓаат на шпекулации, потенцира Бектеши.
Тој во однос на шекулациите дека во маркетите се празнат рафтови, а трговците со нафта и нафтени деривати чуваат резерви со цел да ги продадат по повисоки цени, рече дека инспекциите постојано вршат контроли и оти нема простор за паника.
Упати апел до граѓаните да купуваат согласно нивните потреби и доколку забележат празни рафтови во маркетите да пријават на 191 за да постапуваат инспекторите.