Изминативе денови маркетите ги качија цените. Кравјиот кашкавал почна да се продава по цени повисоки од 600 денари, кога еден килограм кравјо сирење стана 400 денари, литар трајно млеко 70 денари, јунешкото месо над 650 денари…
Вицепремиерот Фатмир Битиќи вели дека неколкупати ги предупредиле производителите на млечни производи да се однесуваат разумно, министерот за економија Крешник Бектеши одвај чека да се изгласа Законот против нефер трговски практики, но факт е дека сега храната станува недостапна за сѐ поголем број граѓани и слаба утеха за нив е лутината на владиниот врв.
Од Организацијата на потрошувачи (ОПМ) тврдат дека имаат примено голем број поплаки во однос на цените на прехранбените производи.
-Во однос на прехранбените производи најголем дел од поплаките се однесуваат за покачувањето на цените на основните продукти, односно млечните производи, лебот, маслото за јадење, појаснуваат од ОПМ во изјава за „Локално“.
Од таму додаваат дека со започнувањето на кризата самите потрошувачи започнале да штедат, односно поради поскапените цени најчесто и самите започнале да ги менуваат навиките, купувајќи поефтини производи од оние кои претходно ги купувале.
-Освен за прехранбени проиводи, најголем број на поплаки до Организацијата на потрошувачите на Македонија, пристигнуваат за проблеми со производи од бела техника, технички апарати, конкретно за проблеми со гаранција и сервисирање, проблеми со недоставување на мебел, оналјн продажбата, поконкретно нелегалната продажба на социјалните мрежи, финансиски услуги итн, ни изјавија од ОПМ.