ЦГК: Секоја втора фирма која учествува во тендерите вели дека има корупција

од Nikola Popovski
173 прегледи

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени во периодот од јули до декември 2021 година, во коj се вклучени и наоди од анкетата на фирмите за нивното искуство при учеството на постапките за јавни набавки, анализа на постапките пред Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2021 година и истражување на договорните органи за нивните кадровски капацитети за јавни набавки.

Според извештајот, зголемена е вредноста на договорите склучени низ нетранспарентна постапка со преговарање без објавување оглас. Вкупната вредност на овие договори во 2021 година изнесува 46 милиони евра, што е за 16 милиони евра повеќе од 2020 година. Дури 80 проценти од вредноста на склучените договори без објавување оглас им припаѓаат на АД Електрани, МВР и Министерството за образование и наука.

Во заклучоците на ЦГК стои дека институциите не ја почитуваат законската обврска за јавно објавување на известувањата за реализираните договори, при што се наведува дека се доставени известувања само за една третина од склучените договори.

– Институциите не се откажуваат од електронската аукција и покрај сите предупредувања дека со неа се поттикнуваат договарањето помеѓу фирмите и корупцијата. Комисиите за јавни набавки во речиси секој втор тендер отфрлале понуди на фирмите како неприфатливи, со што се отвора сомнежот дали ваквото постапување е со намера да се намали конкуренцијата и да се обесхрабрат понудувачите да учествуваат на тендерите. Управните контроли на тендерите од страна на Бирото за јавни набавки, ниту трета година од воведувањето, не успеваат да се наметнат како механизам за откривање на незаконско постапување и злоупотреби. Бирото ниту во 2021 година нема поднесено прекршочна пријава до надлежниот орган, или, пак, доставено известување до Јавното обвинителство на РСМ за одредени наоди, се наведува во Извештајот.

Според клучните наоди од анкетата на фирмите спроведена во февруари годинава, а во која  учествувале 284 фирми од сите поголеми градови во земјата, за 50 проценти од фирмите, „најниската цена“ како критериум за избор е најчест проблем со којшто се соочуваат во јавните набавки. Исто така, стои во наодите, 62 проценти од фирмите признаваат дека постои меѓусебно договарање на тендерите, 51 процент од фирмите сметаат дека има корупција во јавните набавки, а најголем дел од нив сметаат дека врските се најчест облик на корупција.

Слични содржини