ЦГК: За зимско одржување на патиштата за оваа сезона ќе се потрошат 8,7 милиони евра

од Nikola Popovski
363 прегледи

Од Центарот за граѓански комуникации соопштија дека за ангажирање механизација, работници, сол и чакал за одржување на улиците и патиштата во зимски услови за сезоната 2020-2021 година, ќе се потрошат 538 милиони денари, односно 8,7 милиони евра.

До овој момент се склучени 94 договори за зимско одржување на улиците и патиштата и за набавка на сол и ризла, најголем дел во 2020 година, а помал дел во 2019 година, но со двегодишна важност.

Вакви тендери имале 41 општина и Градот Скопје, 6 локални јавни претпријатија и државното јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Македонијапат. Ова претпријатие всушност ќе потроши и најмногу пари за одржување на патиштата во зимски услови, односно само за оваа зимска сезона склучило договори со приватни фирми за 5,7 милиони евра. Тоа е две третини од сите пари што се трошат во земјава за оваа намена. Најголем дел од договорите на Македонијапат се за 2020-2021, но има и двогодишни договори склучени во 2019 година, а кои важат и за оваа зимска сезона 2020-2021.

Најголем меѓу тендерите на Македонијапат е оној за набавка на индустриска сол за патиштата за две години, во вредност од речиси 7 милиони евра, односно по 3,5 милиони евра годишно за оваа и за следната зимска сезона. Станува збор за набавка на 59.555 тони индустриска сол, по цена од 116 евра по тон.

Покрај овој тендер, Македонијапат има склучено уште 24 други договори за ангажирање на камиони, градежни машини и превоз на материјали за зимското одржување на патиштата за целата територија и за секоја своја подружница одделно.

Следна државна институција според вредноста на договорите за зимско одржување на улиците е Град Скопје кој во 2019 година има склучено двогодишни договори за набавка на сол и за чистење на улиците во вкупна вредност од 1,4 милиона евра, односно по 700 илјади евра годишно. Градот има купено 4 илјади тони индустриска сол по 85 евра за тон.

Сепак, покрај Градот Скопје, тендери за набавка на услуги за зимско чистење на улиците имале уште осум други скопски градски општини. Тие, заедно со Градот Скопје имаат склучено договори за зимско чистење на улиците и патиштата во вкупна вредност од 1,4 милиони евра.

Покрај Градот, најголеми тендери за оваа намена имаат Центар, Бутел, Карпош и Гази Баба. Покрај овие градски општини, тендери имале и уште четири други приградски општини.

Слични содржини