ЦК на ВМРО-ДПМНЕ му даде поддршка на Груевски за разговори за формирање на Влада

од Vladimir Zorba
81 прегледи

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница ги прифатил вчерашните заклучоци на Извршниот комитет и му дал целосна поддршка на претседателот на партијата и мандатар Никола Груевски за претстојните разговори за формирање на идната Влада на Република Македонија.

Со седницата, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, раководел Груевски, а на неа се дискутирало „за актуелната состојба во земјава и резултатите од предвремените парламентарни избори“ на 11 декември.

„Освоените 455.000 гласови од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, во услови кога опозицијата делуваше заедно со невладините организации под контрола на Сорос и во повеќе наврати коруптивно купуваше гласови, покажуваат дека мнозинството граѓани сè уште ја поддржува политиката која нуди развој и просперитет. Ваквата поддршка значи обврска за почитување на волјата на народот кој ги порази деструкцијата и кризите кои изминати години ги промовираше СДСМ/Сорос. Централниот комитет на партијата смета дека подобрувањето на стандардите на живеење на граѓаните мора да бидат приоритет во наредниот период, а за да се оствари таа цел неопходна е политичка стабилност преку формирање на Влада што ќе биде целосно посветена на реформите и проектите од програмата Реално“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.