„Струга изгледаше вака синоќа… Благодарение за реализацијата на проектот за осветлување на коритото на реката Црн Дрим“, вака општина Струга на својата Фејсбук страница се пофали за осветлувањето на речното корито на реката.
Од таму објавија дека должината на коритото е 900 метри, додека арматурата за осветлување беше поставена од двете страни на коритото со должина од 1800 м.
„Исполнувајќи ги сите архитектонски барања, осветлувањето на коритото се реализира во согласност со регулативата за нормативно технички стандарди. Проектот вклучува инсталација на арматура изработена од не’рѓосувачки челик, отпорен на корозија“, објави општина Струга, додавајќи дека за утре (21.06) ќе биде и официјалната инаугурација и настан за осветлувањето со сина боја на реката.
Ваквиот потег предизвика бурни реакции во јавноста, а некои предупредуваат дека осветлувањето на реката го менува циркадијалниот на живиот свет во водата.
„Естетски ова е одвратно. Еден значаен речен екосистем личи на базен во хотел во Саранда, од каде е и инспирано ова. Осветлувањето на речните води, го менува циркадијалниот ритам на живиот свет (се губи чуството за ден и ноќ). Дополнителното осветлување го зголемува или изменува циклусот на раст на водните алги, што влијае врз квалитетот на водата во реката. Светлината го нарушува животот на рибите особено чуство за ориентација, комуникација и растење. Осветлувањето ја зголемува температурата на реката. Загадувањето со светлина значително го намалува живиот свет во градските средини, со што го спречува нивното хранење, размножување и движење. Да повторам – ружно е и непотребно“, пишува екологотот и професорот по биологија, Кирил Пржо.
Според достапните податоци од Бирото за јавни набавки договорот за осветлување на речното корито бил склучен во април и за тоа се потрошени 110 илјади евра.