Црна статистика: Во Германија голем пораст на случаите на сексуална злоупотреба врз деца

од Stefanija Kuzmanovska
269 прегледи

Во Германија минатата година е забележан пораст на случаите на сексуално насилство врз деца, а особено на откриените случаи на детска порнографија, соопштено е во понеделникот во Берлин.

„Бројот на пријавени случаи на сексуално насилство врз деца е зголемен за 4,6 отсто во однос на минатата година на 17.704 случаи, додека бројот на откриени случаи на дистрибуција и поседување на детска порнографија е зголемен за 108,8 отсто на над 39.000 случаи“, рече директорот на Федералната канцеларија за борба против криминалот (БКА) Холгер Минх на прес-конференција во Берлин на која беа претставени најновите статистички податоци.

Минх рече дека истражните органи тргнуваат од многу поголемиот број неоткриени случаи на злоупотреба и поседување детска порнографија.

Од БКА сметаат дека поради неможноста да се проценат скриените статистики, не е можно да се процени степенот на успешност на борбата против сексуалната злоупотреба врз деца.

Минх укажа и на феноменот на поседување детска порнографија кај малолетници, што претставува речиси 40 отсто од пронајдениот материјал.

„Младите често не знаат дека поседувањето и ширењето на ваков материјал е кривично дело. Има потреба од повеќе работа со младите за да се подигне свеста за сексуалната злоупотреба“, рече Минх.

Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер ја нарече најновата статистика „шокантна“.

„Ниту еден сторител не треба да се чувствува безбедно и да очекува да помине неказнето“, рече Фезер. Таа најави инструменти кои треба да се применат низ Европската унија и кои ќе овозможат побрзо и поефективно откривање на сексуалната злоупотреба врз деца.

Слични содржини