Тоа што Бугарија не успеа да го постигне во Втората светска војна од 1941 до 1945 година со оружје и воени средства, денес сака да го постигне користејќи го нејзиното членство во ЕУ и правото на вето за носење одлуки. Мене ставот на Бугарија ми е потполно јасен, но она што мене ме интересира е како на ова гледаат останатите членки на ЕУ, изјави денеска поранешниот претседател и премиер Бранко Црвенковски на во обраќањето на Форумот за западен Балкан во Сараево.
Тој се спротивстави на тезите на поранешниот бугарски претседател, Росен Плевнелиев дека македонскиот народ и јазик се Титова творба.
-Јас мојата реакција на изјавата на претседателот Плевнелиев ќе ја почнам на македонски јазик. И тоа неслучајно. Тоа е мојот мајчин јазик, тоа е јазикот на кој говорел мојот татко, мојот дедо, и дедото на мојот дедо. Значи неколку генерации пред мене коишто биле и родени и живееле уште пред да се родат и Јосип Броз Тито и Сталин. Значи никој, јас барем никого не знам, нема успеано во историјата на вештачки начин да креира нова нација. Имало обиди, но ниту еден успешен, категоричен е Црвенковски.
Говорејќи за искуството на Македонија на тој пат, тој рече дека земјата не може да направи ниту еден чекор напред 12 години и потсети на барањата на Грција, Франција и Бугарија, кои, како што рече, немаат никаква врска со пропишаните критериуми од страна на Европската комисија потребни за започнување на преговорите.
Тој потсети дека земјата дури го смени и името, но рече дека процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ е забавен, да не рече „запрен“. Затоа, тој се праша кои се намерите на европските земји и посочи дека некои земји го блокираат пристапот на нови членки.