Црвенковски: Договорот за пријателство со Бугарија беше голема грешка

од Берта Китинска
276 прегледи

Потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија беше голема грешка, смета експретседателот на земјава, Бранко Црвенковски.

-Не би ставил знак на еднаквост меѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија од најмалку една причина. Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија не само што не затвори ниту едно, туку напротив ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија кои до таа мерка задираат во нашиот национален идентитет и историја, што компромис едноставно не е можен, рече Црвенковски.

Оттаму, според поранешниот претседател, односите со Грција затоа се неспоредливо подобри по потпишувањето на договорот, но сосема спротивно, односите со Бугарија се неспоредливо полоши отколку пред потпишувањето.

– Или да бидам директен, потпишувањето на Договорот со Бугарија со таа содржина, посебно со формулацијата за заедничка историја и формирањето на мешовитата историска комисија со мандат да арбитрира околу историските настани и личности беше голема грешка. Тезата која се пласираше во јавноста дека за националниот идентитет не преговараме, а за историјата ќе се договориме, во самата своја основа е апсурдна. Секој и сечиј национален идентитет е резултат на историски процес кој се потпира на одредени историски меѓници настани и личности. Ако тие ви бидат одземени, од националниот идентитет не останува ништо, порача Црвенковски.

Слични содржини