Туфегџиќ: Мандатот на Коцевски помина туристички – време е за државен обвинител кој кога ќе се појави на ТВ екран, слика на телевизор да ти замрзне

од Nikola Popovski
146 прегледи

Адвокатот и екс-судија, Владимир Туфегџиќ со свое видување по интерпелацијата на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Според Туфегџиќ, обвинителот си „заминува баш онака како што дојде, бледо, анемично без енергија, предложен и избран преку ноќ на најнетранспарентен начин од сите досегашни државни јавни обвинители“.

-Кога го предлагаа и бираа, изваден како предлог од нигде никаде, од него не слушнавме ниту збор за мешањето на политиката ниту за партиските дилови за неговиот избор, напротив тој тогаш беше предложен како најдобриот избор на предлагачите од политиката, врвен професионалец, без кажано “слово” за неговата дотогашната кариера. Како предлог ставен на маса од нигде никаде, ниту збор за неговата биографија ниту препознатливи “капиталци” од предмети во кариерата, истакнува адвокатот.

Тој тврди дека на Коцевски мандатот му помина „туристички, рутински и колку да помине“.

-Како што тоа кај нас редовно бива, кога политиката те бира тогаш си насмеан, во Собрание уфирцан со ново одело, мислиш заслужено и бољи од тебе нема, врвен професионалец, а кога те разрешуваат, тогаш никаде те нема да кажеш збор или два, па макар да се одважиш и јавно со прст да покажеш и по име да кажеш кој се ти правел сопки, кој ти мател вода во обвинителството и судот, кој е криминалец, кој крадел а не ти дале да го гониш, и така нема што да изгубиш, нагласува Туфегџиќ во својата објава, додавајќи дека е време „државата конечно да добие државен јавен обвинител кој кога ќе се појави на ТВ екран, слика на телевизор да ти замрзне“.

Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат, негласањето на СДСМ за интерпелација на главниот обвинител е показател дека во него гледаат последно упориште за спас од кривични постапки.

„Очигледно е дека Христијан Мицкоски сака обвинител под некоја контрола. Прво најавуваше смена на јавниот обвинител без конкретни причини. Потоа, кога избувна трагедијата во Кочани, лицемерно тврдеше дека ќе ја остави истрагата да си тече, дека е задоволен од постапувањето реплицираат од СДСМ“, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Мицкоски сака упад во правосудниот систем. Во сето ова, левица срамно се стави во функција на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата што наводно се залага за правда, помага во инсталирање партиски обвинител“, возвратија од СДСМ.

Сега останува на обвинителот коцевски дали ќе ја прифати интерпелацијата како морален чин за поднесување оставка. Тој даде одговор пред гласањето дека поднесената интерпелација е политички чин, а дека работата ја извршува совесно. Владата ја започна постапката за негово разрешување, но истата беше прекината поради трагедијата во Кочани. Интерпелацијата нема обврзувачко дејство за разлика од владината постапка за разрешување од функција.