Туфегџиќ: Нема доказ дека таткото на Вања е инволвиран во убиството ниту дека имал комуникација со Палевски

од Nikola Popovski
11 прегледи

Завршниот збор на Обвинителството го ценам како контрадикторен сам по себе, бидејќи на некој начин директно го опиша планот и дејствијата на останатите обвинети, со кои Обвинителството докажува дека овие луѓе имале претходно разработен план, односно дека од првото грабнување се откажале и ги појаснија причините зошто се откажале и дека реализацијата на планот е завршена во понеделникот, изјави адвокатот на таткото на Вања, Владимир Туфегџиќ, по денешното судско рочиште за двојното убиство каде Основното јавно обвинителство го даде својот завршен збор.

Туфегџиќ нагласи дека никаде не е спомнат таткото Александар Ѓорчевски, ниту пак било каква конекција со него во врска со извршувањето на кривичното дело. Посочи дека не бил изведен ниту еден доказ од страна на Обвинителството во целата судска постапка со кој би се докажало дека Александар имал комуникација со првообвинетиот Љупчо Палевски.

-Јас не знам како ќе се произнесе Судот, но сите денеска слушнавме дека Јавното обвинителство во завршните зборови го потврди она што го знаеме од првиот ден, а тоа е нема никаков доказ за било каква вмешаност или инволвираност на Александар. Немаат ниту било каков доказ за некаква конекција и комуникација со Љупчо Палевски како што стои во описот на обвинителниот акт, рече Туфегџиќ.

Обвинителството побара казна затвор за таткото на Вања кој, како што велат, помогнал со информации за киднапирањето. За него Обвинителството побара судот да изрече соодветна казна, за кое дело максималната казна е 10 години затвор.

Судењето за двојното убиство ќе продолжи за една недела со завршните зборови на одбраната на обвинетите.

Слични содржини