Ние денеска во воведните говори на ЈО не слушнавме која е поткрепата на обвинението за Александар и врз основа на кои докази го темели обвинението за стореното кривично дело. Само паушално наведува дека помагал. Немаме дејствија за извршување и немаме доказ. Апсурдно беше барањето за исклучување на јавноста, изјавија денеска од одбраната на осомничениот Александар Ѓорчевски, таткото на усмртената Вања Ѓорчевска, по рочиштето во Основниот кривичен суд Скопје.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ прашува зошто би била исклучена јавноста, односно како би ги добила одговорите.
-Останувам на тоа дека Александар е жртва и оштетен во постапката. Сведоци сте дека обвинението се темели врз доказите кои ги прибавил Александар. Тврдам дека врз основа на она на што се темели науката и постулатите на криминалистичката истрага, дека ова не е водено како што треба.
Мојот клиент не најавил имиња и презимиња, туку очекува да се утврди и да излезе на површина вистината.
Не знам кој ќе биде концептот на одбрана на останатите. Потполно бранам невин човек за кого нема докази. Барам од Судот за Александар да биде презентирам секој доказ одделно врз кое се темели обвинението. тој е класично злоупотребен и погрешно протолкуван. Не е тајна дека Александар бил во постојана комуникација со децата и во неверојатна близина со нив, рече Туфегџиќ во изјава за медиумите.
Адвокатот информира дека неговиот клиент бил физички малтретиран и очекува разврска во таа насока.
-Тврдам и тоа го говори и медицинската докуменатација, но и извештајот од Хелсиншкиот комитет за човекови права дека Александар бил изложен на нечовечко и хехумано однесување, во еден дел од полициски службеници, а во друг дел и од Затворската полиција. Документацијата е на располагање на Судот, па оттаму нека цени…
Здравјето на Александар е каков што е амбиентот по овој предмет. Сака само да истрае до крај и да ја дознае вистината, додаде Туфегџиќ.
Обвинетите за грабнувањето и убиството на малолетната Вања и велешанецот Панче Жежовски негираа вина за делата за кои се товарат. Откако судот одлучи да не го прифати предлогот за исклучување на јавноста, рочиштето продолжи со воведните збориви на обвинителката која во детали ги опиша дејствијата за која се товарат обвинетите.
Од Обвинителството рекоа дека со докази ќе го докажат сето наведено во обвинението. Наведоа и дека располагаат со листинзи за разговори и пораки кои ќе докажат дека обвинетите долг период се договарале меѓу себе.