Селекторот на Англија, Томас Тухел се надева дека ќе освои голема титула со Гордиот Албион.
На првата прес-конференција по најавата дека Тухел ќе биде наследник на Саутгејт, Германецот беше запрашан дали ќе живее во Англија кога ќе стане селектор на 1 јануари.
„Сакам да живеам во Англија и со нетрпение очекувам повторно да живеам во Англија. Сакам да бидам блиску до Премиер лигата. Сакам да бидам блиску до повеќето играчи, но секако распоредот ќе ми овозможи да бидам блиску до семејството и децата во Германија. Но, да, поголемиот дел од времето ќе го поминам во Англија, се разбира во близина“, изјави Тухел и додаде:
„Ја сакам оваа земја, нејзиниот хумор, начинот на живот овде, односот на навивачите кон самата игра, како и она што го бараат од играчите. И како што многупати кажав, мислам дека тоа го обликува карактерот на играчите, како ја живеат својата професија, како пристапуваат кон тренинзите или тимскиот дух. Мислам дека е уникатен. Тоа беше уникатно искуство за мене (кога раководев со Челси). Да можам повторно да го доживеам сето тоа е голема привилегија и многу сум горд, почестен и среќен што се враќам – и во толку важна улога, уште подобра“.
На прашањето како сака да игра неговата Англија, 51-годишниот стручњак одговара:
„Нашиот стил на игра мора да ни донесе резултати. Ги имаме најдобрите фудбалери од најдобрата лига, ја имаме најголемата конкуренција во светот. Имаме група млади и гладни фудбалери. Очајни сме да освоиме трофеј. Ги имаме сите потребни состојки и мислам дека треба да се обидеме да го имплементираме тоа во нашиот стил на игра. Мислам дека треба да играме напаѓачки стил, да се обидеме да ја истакнеме физичката страна на фудбалот, бидејќи тоа е суштината на англискиот фудбал, тоа е она што ги тера нашите навивачи и тоа им одговара на играчите“.
Гордиот Албион чека на голема титула од 1966 година.
„Се работи за нијанси, мислам дека се работи за детали. Ако изгубите на пенали во финалето, кој сум јас да кажам што згрешивте? Кога си таму, само си таму. А вие бевте во две финалиња (ЕВРО 2020 и 2024), мислам и во полуфинале (СП 2018) и четврт-финале (СП 2022), го загубивте секој од тие натпревари многу, многу тесно. Можеше да отиде се во друга насока. Така што јас навистина верувам дека сме тука, дека сме подготвени, а наше е да го докажеме тоа“, заклучува Тухел, кому ова му е прва репрезентативна задача, откако работеше во Баерн, Челси, Пари Сен Жермен, Борусија Дортмунд и Мајнц.