Менаџерот на Челси, Томас Тухел е казнет со еден натпревар суспензија поради турканиците со менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте, по завршувањето на минатонеделниот дуел од второто коло во Премиер лигата меѓу двата тима.
Натпреварот заврши 2-2, откако два пати водеше Челси, но Тотенхем со голот на Хари Кејн во последните секунди од судиското надополнување стигна до бод.
Непосредно пред вториот гол на „сините“ и веднаш по крајот на натпреварот, Тухел и Конте влегоа во крајно жестока расправија, при што последното ракување за малку ќе прераснеше во тепачка.
И Тухел и Конте добија црвени картони од судијата Ентони Тејлор поради тоа.
Казната на Тухел, кој исто така беше казнет со 35.000 фунти, е одложена во очекување на извештајот за случајот од Независната регулаторна комисија на Фудбалскиот сојуз.
Конте беше казнет со 15.000 фунти, откако двајцата менаџери признаа недолично однесување.