Менаџерот на Челси, Томас Тухел, изјави дека дресот со број 9 не е слободен во очекување на можното ново засилување, туку затоа што се верува дека е проколнат откако неколку играчи кои го носеа за „сините“ од Лондон не оставија трага во клубот. Последниот број 9 во тимот го носеше Белгиецот Ромелу Лукаку, кој летото се врати во италијански Интер. Пред тоа „деветката“ во овој тим ја носеа имиња како Ернан Креспо, Фернандо Торес, Радамел Фалкао, Гонзало Игуаин и Алваро Мората, кои исто така не можат да се пофалат со извонредни постигнувања во Челси.
„Луѓето ми велат дека е проколната (деветката). Не дека ја оставивме од тактички причини. Никој не сака да ја допре. Секој кој е тука подолго од мене вели дека различни играчи кои ја носеле не можеле доволно да постигнат“, објасни Тухел, цитиран од „Ројтерс“.
„Значи, сега сме во фаза кога никој не сака да го носи бројот 9. И јас сум суеверен и можам да разберам зошто играчите не го сакаат тој дрес“, додаде тој.
„Може да привлечеме нов играч, а може и да не се случи тоа. Имаме опции, но во исто време знаеме дека имаме многу натпревари пред нас. Ќе видиме што ќе се случи“, изјави Томас Тухел во врска со гласините дека клубот е заинтересиран за Пјер-Емерик Обамејанг.
Германскиот стручњак, исто така, ја изрази својата загриженост дека одржувањето на Светското првенство во 2022 година во средината на сезоната ќе влијае на фудбалерите и некои може да бидат доста исцрпени.