Тухел лут по поразот од Динамо: „Бевме како без крв“

од Nikola Popovski
194 прегледи

Тренерот на Челзи, Томас Тухел изјави дека неговиот тим доживеа тежок пораз од Динамо Загреб и дека не го потценил противникот.

„Лут сум на себе, со нашиот настап, ова е тежок неуспех“, рече Тухел, пренесе Хина.

Фудбалерите на Динамо Загреб на „Максимир“ го победија тимот на Челзи со 1:0 во натпреварот од првото коло од групата Е во Лигата на шампионите. Стрелец на единствениот гол на натпреварот беше Мислав Оршиќ во 13. минута.

Тухел додаде дека не очекувал ваков резултат против хрватскиот шампион.

„Ова не го очекував, не го предвидував, бев во погрешен филм. Не бевме прецизни, одлучни, активни, ниту индивидуално, ниту тимски“, рече тој.

Германскиот тренер истакна дека Динамо не ги изненадил со играта. Тухел исто така додаде дека ќе ги казни играчите со земање слободен ден.

„Почнавме добро, првите 15-20 минути, но ни недостигаше одлучност, ни недостигаше „крв“. Имавме доволно додавања, освоивме простор, но требаше да имаме повеќе удари. Примивме гол од контранапад на двајца играчи. тоа никогаш до сега не се случило. Мислев дека сме на вистинскиот пат, но изненаден сум“, додаде тој.

Тухел изјави дека неговиот тим не го потценил ривалот, но дека не знае што е причината за ваквата игра.

„Не го потценивме Динамо, ако го потценивме, тогаш имаме голем проблем. Не знам каква е последицата од ваквата игра, можеби немање одлучност или глад. Немавме интензитет, изгубивме дуели. Не можете да играте натпревар со толку слаб интензитет во англиското првенство или Лигата на шампионите“, рече Тухел.

За Германецот ова беше 100. натпревар на клупата на лондонскиот клуб и додаде дека атмосферата на стадионот ќе беше подобра доколку трибините беа полни.

„Публиката е емотивна и бучна, но атмосферата не беше пресудна за да одиграме лошо“, заклучи Тухел.

Слични содржини