Менаџерот на Челси, Томас Тухел, беше задоволен од настапите на дефанзивците Тиаго Силва, Цезар Аспиликуета и Калиду Кулибали против Евертон во саботата, но тројцата имаат комбинирана возраст од 100 години и тој верува дека клубот мора да обезбеди нова генерација дефанзивни играчи.
Челси се раздели со Антонио Рудигер (29) и Андреас Кристенсен (26) летото пред да го ангажира сенегалскиот репрезентативец Кулибали од Наполи.
„Среќни сме што имаме играчи како Аспи, Тиаго и Калиду, но важно е да ја пронајдеме следната генерација на дефанзивци и да ги донесеме во следните години“, изјави Германецот.
„Фудбалот стана многу физички и напорен и во оваа ситуација ни требаат други играчи со кои ќе ги ротираме овие момци“, додаде Тухел. „Факт е дека тројцата дефанзивци, голманот, како и Жоргињо и Н’Голо Канте се во триесеттите. Иако сме многу среќни со овие играчи, мора да размислуваме и за иднината“, изјави Тухел.
Челси, кој минатата сезона заврши на третото место во Премиер лигата, во недела му гостува на Тотенхем во лондонското дерби.