Тухел: Се додека имаме дресови и автобус, ќе се бориме

од Nikola Popovski
339 прегледи

Фудбалерите на Челзи остварија убедлива победа на гостувањето во Норич од 3:1 во Премиер лигата. Сепак, резултатите на клубот се во втор план од почетокот на војната во Украина.

Актуелниот сопственик на клубот, рускиот милијардер Роман Абрамович се најде под санкции на британската влада поради неговата блиска поврзаност со рускиот претседател Владимир Путин.

Со новиот пакет санкции објавен во четвртокот, Челзи се најде под невиден притисок. Најавената продажба на клубот е блокирана, а голем број нови санкции кои имаат за цел да го спречат профитот на Абрамович сериозно го потресоа клубот и играчите.

По победата тоа го потврди и тренерот Томас Тухел, но истакна дека тој и играчите продолжуваат таму каде што застанале.

„Сè уште сум среќен што сум тука и што сум тренер на силен тим. Знам дека има многу врева наоколу, а сепак сме максимално фокусирани на фудбалот. Тоа е прилично голема промена од вчера до денес, но не можеме да влијаеме на тоа. Ние не ја предизвикавме оваа ситуација. Одиме ден за ден, не го очекував ова вчера, којзнае што ќе ни донесе утрешниот ден“, изјави германскиот тренер.

Фудбалерите и понатаму ќе бидат фокусирани само на теренот, а се додека имаат услови за тоа нема проблем, истакнува Тухел.

„Се додека имаме доволно дресови и автобус да возиме до натпреварите, ќе бидеме на терен и ќе се борим“, категоричен е тренерот на Челзи.

Слични содржини