Со новиот тарифен модел, поединечните цени на податоци од геодетско-катастарскиот информациски систем и надоместот за впишување во Катастарот на недвижности, не се енормно зголемени како што се претставува и манипулира јавноста. Тоа се цени на ниво на реално направените трошоци за нормално функционирање и одржување на електронските системи, кои се од исклучителна важност, информираше денеска на прес-конференција директорот на Агенцијата за катастар и недвижности, Борис Тунџев.
Според него, промените на ценовникот по пет години се резултат на систематска анализа што ги прави агенцијата и систематско решевање на проблемите.
Тој информира дека цените во просек се зголемени за 25 до 30 проценти со стапувањето во сила на новите тарифници.
-Во 2017 Катастар ги намали цените за 30 до 90 проценти. Ако се направат споредби со 2014, поголемиот дел на услугите се на ниво од 2014, односно 2017, вели Тунџев.
Тој најави дека доколку дојде до стабилизирање на енергетската криза, односно намалување на цената на електричната енергија и другите фактори кои имаат влијание на трошоците, Агенцијата ќе направи анализа и ќе излезе со свое видување во однос на потребата од корекција на цените на услугите.