Тунберг до лидерите на ЕУ: Климатските промени се вонредна состојба

од Stefanija Kuzmanovska

Шведската активистка за борба против климатските промени Грета Тунберг денес апелираше до лидерите на Европската унија итно да преземат потребни мерки по тоа прашање и посочи дека луѓето во чии раце е власта, практично се откажале од можноста да им дадат пристојна иднина на идните генерации.

Во отвореното писмо потпишано од илјадници луѓе покрај неа, вклучително климатолози, економисти, актери и други активисти, 17-годишната Тунберг ги повика земјите од ЕУ да започнат со приближувањето кон климатските промени и колапсот на животната средина да пристапат како „итен случај“.

Според Ројтерс, писмото било објавено пред утрешниот самит на Европскиот совет, на кој членките на ЕУ ќе се обидат да постигнат договор за новиот буџет на Унијата и финансискиот пакет за закрепнување од економскиот шок предизвикан од пандемијата на коронавирус.

Меѓу наведените барања е итно запирање на сите инвестиции во истражувањето на наоѓалиштата на фосилни горива и нивна експлоатација, како и брзото укинување на сите субвенции за индустријата за фосилни горива.

Потписниците исто така се залагаат за воведување на годишни граници за емисија на стакленички гасови за, колку што е можно, да ги подобрат изгледите за исполнување на целта за климатскиот договор за 2015 година во Париз, што предвидува ограничување на глобалното годишно покачување на температурата на 1,5 Целзиусови степени.

Во писмото се повикува и климатската политика да биде дизајнирана да ги заштити работниците и најранливите делови на населението, односно да се намали економската, расната и родовата нееднаквост, а учесниците во иницијативата бараат да се преземат чекори за зачувување и заштита на демократијата, пренесува Ројтерс.

Слични содржини