Тунберг вели дека Русија извршила екоцид со уништувањето на браната во Херсон, Зеленски ѝ одговори

од Stefanija Kuzmanovska
409 прегледи

Шведската климатска активистка Грета Тунберг ја обвини Русија дека го предизвикала уривањето на браната Нова Каховка во Украина, нарекувајќи го чинот „екоцид“, објави Ројтерс.

Уништувањето на големата брана под руска контрола во регионот Херсон во Украина предизвика огромни поплави, принудувајќи илјадници жители да избегаат, а околината во таа област беше уништена.

„Овој екоцид е продолжение на руската неиспровоцирана инвазија на Украина и претставува уште едно злосторство што го остава светот без зборови. Нашите очи повторно се вперени во Русија, која мора да одговара за своите злосторства“, напиша Тунберг на Твитер.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и одговори преку Твитер.

– Ти благодарам за твојот став и што си на страната на вистината, Грета. Русија мора да одговара за злото што им го прави на луѓето, животот и природата – изјави Зеленски.

Тунберг изјави денеска за Ројтерс, за време на неделниот протест за климата пред шведскиот парламент, дека последиците од уништувањето на браната се „апсолутно ужасни и грозни“.

САД во вторникот соопштија дека не можат да кажат што го предизвикало уривањето на браната Херсон, но додадоа дека работат на проценка на извештаите дека Русија, која ја контролира браната, стои зад нападот.

Слични содржини