Начинот на кој се носи законот за ЈО е пример како не треба да се носи закон
Во интерес на сите е СЈО е да биде составен дел од едно јавно обвинителство кое ќе биде добра за сузбивање на организираниот криминал и високата корупција, вели универзитетскиот професор во интервју за Гласот на Америка
Дојде време кога македонското општество треба да созрее и да покаже дека правото е над политиката и дека никој нема да биде амнестиран во однос на докажување на правдата и доведувањето на извршителите пред лицето на правдата, смета универзитетскиот професор Никола Тупанчески во интервју за Гласот на Америка.
Дали во една ваква ситуација што владее во Северна Македонија, може да се дојде до решение за СЈО и новиот закон за jaвно обвинителство?
Начинот на кој се носи законот за јавно обвинителство, а во тој контекст и статусот на СЈО е еклатантен пример на кој не треба да се носи закон
„Прашањето станува сè поделикатно и комплексно затоа што најчесто решението се гледа во некаков политички договор меѓу партиите, кои се обидуваат да ги застапуваат сопствените интереси. Сведоци сме деновиве дека времето нè гази и дека до 15-ти септември треба да има разрешница во однос на она што се нарекува правен епилог во однос на она што се нарекува СЈО. Начинот на кој се носи законот за јавно обвинителство, а во тој контекст и статусот на СЈО е еклатантен пример на кој не треба да се носи закон. Сепак на крајот на краиштата неколку партии се договараат меѓу себе како треба да изгледа иднината на јавното обвинителство, посебно на она обвинителство кое треба да се бори со високата корупција и организираниот криминал. Ситуацијата е комплексна, а факторот време не е на наша страна како држава. Јас се надевам дека во овие десетина дена колку што остануваат до 15-ти септември кога е крајниот рок за постоење на СЈО, ќе се изнајде некакво решение, кое нема да биде политички договор туку ќе преовладуваат или ќе доминираат правните аргументи. Во интерес на сите е СЈО е да биде составен дел од едно јавно обвинителство кое ќе биде добра алатка и механизам за сузбивање на организираниот криминал и високата корупција посебно. Во таа насока, дополнително се комплицира ситуацијата со притворената специјална јавна обвинителка, каде што практично се чека да заврши постапката за нејзино разрешување“.
Како го оценувате досегашниот тек на водењето на истрагата за скандалот „Рекет“?
„Се работи за комплексен настан, каде што се гледа само еден дел од сантата лед, односно неколку луѓе кои во моментот се притворени. Но, мое лично мислење, но и на повеќето колеги е дека тоа е само едно парче од комплексниот казнено правен настан. Затоа можеби треба да се даде малку време, а она што мора, според мене е да се интензивираат активностите околу откривањето на некои други лица кои евентуално се инволвирани, а за кои се шпекулира или се претпоставува дека се дел од оваа голема афера.
Се надевам дека дефинитивно дојде време кога македонското општество треба да созрее еднаш засекогаш и да покаже дека правото е над политиката
Треба да се почека малку, меѓутоа дефинитивно пак времето не е на наша страна бидејќи се работи за комплексен настан. Истовремено се работи и за комплексно политичко-правна состојба во Македонија, која не придонесува во разрешување на состојбите кои се дел од т.н. настан „Рекет“. Затоа во очекување сме до каде ќе стигнеме со проширување на истрагата и до поднесување на обвинение. Се надевам дека дефинитивно дојде време кога македонското општество треба да созрее еднаш засекогаш и да покаже дека правото е над политиката и дека практично никој нема да биде амнестиран во однос на докажување на правдата и доведувањето на извршителите на кривичните дела пред лицето на правдата“.
Ние имаме специфичен правен систем и не сум сигурен дека кој и да е странец ќе може да се снајде бидејќи правото е специфична проблематика и сфера
„Тврдам и понатаму дека во Македонија има луѓе кои можат одговорно да ја вршат таа задача, да биде прв човек на тоа ново обвинителство што ќе биде за сузбивање на висока корупција и организиран криминал. Решението странец да биде колку има позитивни толку има и негативни страни. Ние имаме специфичен правен систем и не сум сигурен дека кој и да е странец ќе може да се снајде бидејќи правото е специфична проблематика и сфера. Не се работи за IT сфера и има свои специфики. Странецот како странец можеби ќе биде убаво да има некој контролен механизам во остварувањето на зацртаната цел, но како обвинител странец како решение имам одредена резерва во однос на тоа. Контролен механизам, бидејќи ние се покажавме како незрело општество во смисла на тоа дека многу верувавме во концептот на СЈО, а тоа ни се врати како бумеранг. Се покажа дека таквото обвинителство има низа дефекти, не само законот за јавно обвинителство туку и луѓето кои се дел од тоа обвинителство не докрај ја завршија својата мисија, како што претходно најавуваа“.
ВОА