Во последниот натпревар од групната фаза на ЕХФ Лигата на шампионите, екипата на Вардар пред своите гледачи го совлада Елверум со 39:30 (17:16) и со тоа на најдобар начин го заокружи турбулентниот, но на крајот успешен дел од натпреварувањето.
Иако конечниот резултат не го кажува тоа, натпреварот беше неизвесен до последните десет минути, кога следеше фуриозна завршница на домаќините. Отсуството на поголемо резултатско значење, бидејќи уште пред дуелот се знаеше дека Вардар ќе биде петти, а Елверум шести, придонесе за атрактивниот ракометен настап во СЦ „Јане Сандански“.
Вардар во осминафиналето ќе игра против стариот познаник Веспрем, кој групната фаза ќе ја заврши на четвртото место во групата Б.
Иако домаќинот го отвори мечот со 4:0, норвешкиот шампион успеа да се консолидира пред да замине на одмор, па на почетокот на продолжението во два наврати дури поведе со три разлика. Црвено-црните добро реагираа на промената во одбраната на Дејвид Дејвис, нападот беше инспириран, а во последните пет минути се направи серија 7:1 со која Вардар стигна до убедлива победа.
ВАРДАР: Томовски 9 одбрана, Гогов 1 одбрана – Дибиров 7, О. Њокас 6, К. Њокас 5, Ѓукиќ 4, Валчак 4, Тото 4, Моралес 3, Стоилов 2, Георгиевски 1, Талески 1, Додиќ 1, Диало 1
ЕЛВЕРУМ: Имсгард 7 одбрана, Фрајс – Лангас 1, Фингрен 1, Поркелсон 1, Лиен 1, Хедберг 2, Грендал 4, Солштад 5, Моен 7, Јохансон 8