Турбулентен период за судството: „Директното мешање од страна не може да доведе до вистински и системски промени кои ѝ се потребни на Македонија“

од Nikola Popovski
579 прегледи

Со 7 гласови за и 4 против Судски совет ја запре постапката за утврдување одговорност на претседателката на Врховен суд, Беса Адеми. Откако не помина барањето на Тања Чачарова-Илиевска да се доработи извештајот и да се одложи расправата, членовите на Советот поединечно ги образложуваа своите ставови. Дел ги укорија колегите зошто не им помагаат на судиите кога имаат политички притисоци и повикаа Советот да ги охрабрува, други, пак, ваквите ставови ги оценија како ретерирање. Постапката против Адеми беше иницирана откако таа јавно изјави дека се изложени на притисоци.

-Пресудата на Управниот суд е првиот чекор напред кој што влева надеж дека правдата е достижна. Очекувам дека ова ќе биде почетокот за враќањето на довербата на граѓаните во судството. Нашата работа и заложби ќе останат декларативни ако правдата не е видлива. Јас сум за вистината и правдата, без разлика за кого е и против кого е, рече старо-новата претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева која се врати на функцијата по пресудата на Управниот суд. Експертската јавност за нејзиното разрешување истакна оти е незаконско, а Холандија отиде чекор понатаму и го стопира милионскиот проект за Судскиот совет поради како што рече амбасадорот Дирк Јан Коп-лошите состојби во правосудството.

Што понатаму во правосудството?

Дел од познавачите на состојбите сметаат дека во моментов има големо мешање од страна во судството во Македонија. -Сметам дека ваков вид директно мешање не може да доведе до вистински и системски промени кои и се потребни на Македонија туку само на моментални реакции кои суштински ништо не менуваат, вели во разговор за „Локално“, универзитетската професорка и граѓанска активистка Мирјана Најчевска. Според неа, уште повеќе, во отсуство на реално познавање на правниот систем на државата а со желба да се прави постојан баланс меѓу стапот и морковот во односите со Македонија, многу често се дава поддршка на многу неправни решенија (како што е тоа на Управниот суд за враќање на Весна Дамева).

-На ваков начин не само што не се поддржува владеењето на правото и спроведувањето на соодветни процедури туку странците влегуваат на територијата на меѓупартиските пресметки и не сакајки заземаат страна, порача Најчевска.

Од 40 препораки за реформа кои стигнаа на адреса на македонското судство, за имплементација на 23 се потребни уставни или законски интервенции, додека 17 може Судскиот совет да ги спроведе во разумни рокови. За соговорничката, прв проблем е во фактот дека овие препораки не се објавени ниту на страната на Судскиот совет ниту пак на некој друг официјален портал, што би овозможило јавноста да биде во тек со поставувањето и решавањето на проблемите, а не да зависи од партиските изјави и препукувања од кои ќе вади информации и дезинформации за препораките.

-Второ, навистина не мислам дека станува збор за материја која се решава со еден потез и набрзина за да биде дел од предизборието. И трето, сметам дека ова треба да биде прва задача на новата власт. До сега ниту една владејачка структура немаже ниту желба ниту капацитет да спроведе сериозна судска реформа. Се додека тоа не се случи секоја промена ќе биде или само козметичка или бесмислена или надвор од целокупниот правен контекст, кажа професорката.

Во однос на тоа како до изолација на Судскиот Совет од страна на полтичките влијанија и судската-бизнис елита, Најчевска оценува дека тоа е прашање кое е поврзано со реформата на целокупниот систем на правораздавање.

-Не може да се реши проблемот на партизацијата на Судскиот совет без да се реши партизацијата во судовите, јавното обвинителство, па и малку пред тоа, Академијата за судии и јавни обвинители, истакна професорката.

Оценската мисија дојде по контроверзните случувања во Судскиот совет кои почнаа уште 2022 година со оставката на Павлина Црвенковска од претседателската функција во Советот, која тогаш зборуваше за „судско-бизнис елита“.

Неколку месеци подоцна, односно во април 2023, се случи контроверзното разрешување на наследничката на Црвенковска, Весна Дамева.

Шефот на државата Стево Пендаровски, смета дека ефектите од корупцијата се засилуваат преку правните дупки и нејаснотии, и на тој начин се избегнува одговорноста. Тој потсети дека третина од граѓаните биле изложени на коруптивен притисок, а четвртина влегле во коруптивна трансакција на пари, врски и влијание.

Евроамбасадорот Дејвид Гир, пак, проблемот го лоцира во неуспешните или полузавршени реформи кои креираат лоша слика за системот. Потсети дека борбата против корупцијата и владеење на правото се клучни за евроинтеграциите.

Н.П.

Слични содржини