Турција има најголемо подземно складиште за гас во Европа

од Nikola Popovski
176 прегледи

Со зголемување на капацитетот за складирање на природен гас во Силиври во Истанбул, Турција има најголемо подземно складиште за гас во Европа.

Во Силиври се одржа програма по повод завршувањето на проектот за зголемување на капацитетот на подземното складиште за гас, на која говореше турскиот претседател Реџеп Ердоган.

„Со зголемување на капацитетот, Силиври стана најголемото подземно складиште за гас во Европа“, рече Ердоган.

Тој изјави дека Турција денес со енергетските услуги што им ги дава на граѓаните и индустријата е 17-та земја во светот по количината на залихи.

„Влегуваме во нова ера во која ќе ја доведеме нашата земја на врвот со жнеење на плодовите од напорите што ги вложивме во последните 20 години“, истакна Ердоган.

Тој додаде дека целта е нивната земја што поскоро да се трансформира во глобален центар каде ќе се утврдува референтната цена на природниот гас.

„Ја одредивме нашата енергетска визија за намалување на нашата надворешна зависност од примарните ресурси од 71 на 13 отсто до 2053 година“, рече Ердоган.

По зголемувањето на капацитетот, складиштето ќе може да задоволува приближно осум отсто од годишните потреби на Турција за природен гас.

Потребите од електрична енергија на објектот ќе ги задоволува ветерна турбина со инсталирана моќност од 4,2 мегавати. Капацитетот за складирање се зголеми од 3,2 милијарди на 4,6 милијарди кубни метри.

Дневниот повратен производствен капацитет се зголеми од 28 милиони на 75 милиони кубни метри.

Слични содржини