Турција ќе ја прошири истрагата за градежниците осомничени дека ги прекршиле безбедносните стандарди по разорниот земјотрес што ја погоди земјата, изјави денес турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу.
Сојлу рече дека досега се идентификувани 564 осомничени, дека 160 лица се формално уапсени и дека голем број се под истрага, пренесе Ројтерс.
„Нашите градови ќе се градат на соодветни места, нашите деца ќе живеат во посилни градови. Знаеме каков тест ни претстои и од ова ќе излеземе посилни“, изјави тој за државната телевизија ТРТ.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган вети дека ќе ги обнови станбените згради во рок од една година.
Сојлу рече дека се подигнати околу 313.000 шатори и се поставуваат 100.000 контејнерски куќи во зоната на земјотресот.
Бројот на загинати во разорниот земјотрес во Турција се искачи на 43.556, рече тој.
Сојлу рече дека после тоа имало 7.930 последователни потреси и дека повеќе од 600.000 станови и 150.000 комерцијални објекти биле најмалку умерено оштетени.
Според министерот за урбанизација, Мурат Курум, уништени или сериозно оштетени се 164.000 згради со повеќе од 530.000 станови.
Околу 865.000 луѓе живеат во шатори, а 23.500 во контејнерски куќи, додека 376.000 се во студентски домови и куќи надвор од зоната на земјотресот, рече турскиот претседател.