Уште едно чудо се случи во Турција, откако момче (12) беше спасено од урнатините на зграда во Антакија, провинцијата Хатај, 260 часа по разорните земјотреси што во понеделникот минатата недела ги погодија јужните делови на Турција, јавува Анадолија.
Екипите за пребарување и спасување од под урнатините на зграда во населбата Екинци извлекоа момче Осман Халебија, странски државјанин.
Тој беше извлечен жив од урнатините 260 часа или речиси 11 дена по разорните земјотреси.
Бројот на жртвите од разорниот земјотрес во Турција се зголеми на 38.044, а Обединетите нации упатија хуманитарен апел да се соберат милијарда долари за жителите на таа земја, јавува Анадолија.
„Денес ОН упатуваат хуманитарен апел вреден една милијарда долари за народот на Турција кој страда од најразорните земјотреси што ја погодија земјата во минатиот век“, објави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Парите ќе покријат тримесечен период на помош за 5,2 милиони луѓе и ќе им овозможат на хуманитарните организации брзо да ја зголемат виталната поддршка за напорите за помош на владата во голем број области, вклучувајќи храна, заштита, образование, вода и засолниште.