Меѓудржавното здружение БРИКС може да и понуди на Турција „добра алтернатива“ за замена на Европската унија, изјави турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан. Според него, Турција би сакала да се приклучи на БРИКС.
„Секако дека би сакале да станеме членка на БРИКС. Ќе видиме како ќе се развиваат работите оваа година“, изјави Фидан за време на неговата посета на Кина, пренесува South China Morning Post. Тој исто така истакна дека со нетрпение очекува да присуствува на министерскиот состанок на БРИКС во Русија следната недела.
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека Кремљ го поздравува интересот на Турција за БРИКС и дека на оваа тема ќе се разговара на претстојниот самит на асоцијацијата во Казан, пренесе Комерсант.
Притоа, шефот на турското Министерство за надворешни работи посочи дека еден од најважните столбови на надворешната политика е создавањето силни економски врски. Според него, некои големи земји од ЕУ, поради „идентитетската политика“ никогаш не дозволиле Турција да стане полноправна членка на европскиот блок, иако веќе подолго време се обидува да се приклучи.
„Значи, ќе мора да бараме алтернатива“, рече Фидан.
Турција стана кандидат за членство во ЕУ во 1999 година. Преговорите за пристапување во ЕУ со Анкара започнаа во 2005 година, но долго време беа во застој поради многу прашања како што се човековите права и надворешната политика на земјата.
Во август 2023 година, на самитот во Јоханесбург, лидерите на земјите од БРИКС усвоија декларација за проширување на организацијата, која во тоа време се состоеше од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка. Од 1 јануари 2024 година, Египет, Етиопија, Иран, Саудиска Арабија и ОАЕ станаа членки на организацијата.
Тајланд, Индонезија, Казахстан, Венецуела аплицираа за членство, а повеќе од 30 земји изразија намера да се приклучат на асоцијацијата.