Поддржувачите на бугарската партија ВМРО-БНД синоќа протестираа пред домот на лидерот на ГЕРБ и поранешен бугарски премиер, Бојко Борисов. Доцната посета, како што велат од партијата, била за „да му се заблагодарат на лидерот на ГЕРБ за националното предавство во врска со ставот за Северна Македонија“.
Приврзаниците на ВМРО-БНД кренале транспаренти на кои пишувало „Не ја предавајте Македонија“.
Во еден момент, како што може да се види од видеото објавено на Фејсбук-профилот на Џамбаски, дошло до турканици и навреди меѓу симпатизерите на ВМРО и активисти на ГЕРБ.
„Живееме во судбоносни времиња и треба да донесеме судбоносна одлука за иднината на Македонија“, порачал Џамбаски од пред домот на Борисов.
„И покрај доцните часови кога не одите на гости освен ако не сте поканети, дојдовме да му поставиме неколку прашања на личноста со која заедно владеевме. Но, очигледно нема да се сретнеме со него, туку се сретнавме со неговите поддржувачи“, додал Џамбаски.
Борисов вчера ги повика пратениците на ГЕРБ да го поддржат францускиот предлог за почеток на преговори на С. Македонија со ЕУ.
Борисов го нарече Кирил Петков „кукавица и лажго кој се крие зад Народното собрание и нема храброст да преземе политичка одговорност“.
„Се што е добро во Бугарија доаѓа од ЕУ. Во моментов ЕУ и НАТО сакаат проширување со Западен Балкан. ГЕРБ го започна овој процес и ние ќе го завршиме“, рече Борисов од седиштето на партијата.