Туркменистан нема забележано ниту еден случај на коронавирус од почетокот на пандемијата, изјави денеска претседателот на таа многу затворена средноазиска земја во ретко интервју за странски медиуми.
„Благодарение на работата што ја завршивме, Туркменистан нема ниту еден случај на болеста“, рекол Гурбангули Бердимухамедов во интервју за меѓународниот ТВ канал „Мир“ со седиште во Москва.
Туркменистан е една од ретките земји во светот, покрај Северна Кореја, која не пријавила случаи на коронавирус на нејзината територија.
Сепак, дури во април Туркменистан започна да ги олеснува мерките за коронавирус со повторно отворање на рестораните и џамиите. Возовите повторно сообраќаат, но авионскиот превоз сè уште е во прекин.
Претседателот рече дека неговата земја располага со две руски вакцини – Епи Вак Корона и Спутник V.
Тврдењето дека Туркменистан нема регистрирано никакви случаи на коронавирус е ставено под прашање од странските набљудувачи и медиумите.
Според нив, еден турски дипломат во Ашхабад починал минатата година од коронавирус, додека британскиот амбасадор во декември признал на социјалните мрежи дека бил заразен со вирусот во Туркменистан.