Турскиот град Ван сепак доби градоначалник Курд

Полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги разбие демонстрациите во Ван, каде што партијата ДЕМ соопшти дека нејзиниот кандидат на општинските избори во неделата бил прогласен за спорен во последен момент.

од Бети Божиноска

Турската изборна комисија сепак одлучи да му го додели мандатот за градоначалник на градот Ван во источна Турција на прокурдскиот кандидат на ДЕМ Абдула Зејдан, кој освои 55,5 отсто од гласовите на локалните избори во неделата, изјавија денеска два извори од комисијата за „Ројтерс“.

Прокурдската партија ДЕМ е трета по големина во турскиот парламент.

Градскиот изборен комитет на Ван во вторникот одлучи да му го даде градоначалничкиот мандат на второпласираниот кандидат од Партијата на правдата и развојот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој освои 27,2 отсто од гласовите на локалните избори, поради наводниот правен проблем со кандидатурата на Зејдан.

Гласачите во провинцијата Ван и другите југоисточни провинции, населени главно со Курди, протестираа против одлуката и се судрија со полицијата.

Полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги разбие демонстрациите во Ван, каде што партијата ДЕМ соопшти дека нејзиниот кандидат на општинските избори во неделата бил прогласен за спорен во последен момент.

Од ДЕМ посочија дека само два дена пред гласањето, Министерството за правда ја сменило судската одлука со која му го вратиле правото на Зејдан да се кандидира на избори.

Зејдан беше избран во парламентот како кандидат на ХДП (сега ДЕМ) во 2015 година, но беше уапсен во 2016 година со уште десетина пратеници откако ги критикуваше воздушните напади на турската армија врз курдски милитанти на југоистокот.

Демонстрации се одржаа и во Истанбул. Реизбраниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој се смета за веројатен претседателски кандидат на следните избори, напиша на „Х“ дека „пресудата е неприфатлива“, и ги повика владата и изборната комисија „да ја почитуваат волјата на народот“.

Опозициската Републиканска народна партија победи на локалните избори во Турција во неделата, вклучително и во Анкара и Истанбул, каде победи и на претходните избори.

Слични содржини