Турција обвини пет држави за планирање „сојуз на злото“ против неа

од Nikola Popovski
122 прегледи

Турција денес ги обвини Грција, Кипар, Египет, Франција и Обединетите Арапски Емирати дека сакаат да формираат „сојуз на злото“, откако тие издадоа заедничка декларација во која се осудуваат политиките на Анкара кон источниот Медитеран и Либија.

Министрите за надворешни работи на петте држави вчера разговарале на телефон за ситуацијата во источниот Медитеран, каде Турција експлоатира наоѓалишта со гас во кипарските води, како и за ситуацијата во Либија.

Минатата година Турција потпиша контроверзен договор за демаркација на границата со меѓународно призната влада во Триполи, како и договор за воена соработка.

Турција верува дека договорот гарантира економски права на голем дел од источниот Медитеран и спречува каков било проект за гас без согласност на Анкара.

Грција и Кипар се спротивставуваат на договорот, за кој велат дека е спротивен на меѓународното право и ги крши нивните права во таа област.

Споменатите земји во разговорот исто така изјавија дека договорот со Либија за воена соработка го крши меѓународното право и ембаргото на ООН за оружјето во Либија.

Во заедничката декларација, споменат е и турско – либискиот меморандум, а шефовите на дипломатиите ги повикаа сите страни во земјата да се придржуваат до примирјето за време на Рамазан и „ја истакнаа нивната посветеност да работат за сеопфатно политичко решение за либиската криза под покровителство на Обединетите нации“. Паралелно изразиле желба за отпочнување на состаноците на Берлинскиот процес.

Министрите за надворешни работи на Кипар, Египет, Франција, Грција и Обединетите Арапски Емирати се договориле, да продолжат редовно со нивните консултации.

Како одговор на тоа, Турција ги обвини Грција и Кипар дека избегнуваат дијалог со Турција, a Египет дека не ги штитат правата и интересите на своите граѓани. Таа, исто така, ги обвини Обединетите Арапски Емирати дека им пристапила на другите земји само заради непријателството со Турција, а Франција дека е главен застапник на сојузот.