Туск: Ќе биде непростлива грешка ако Унгарија го спречи влезот на Шведска во НАТО

од Stefanija Kuzmanovska
196 прегледи

Полскиот премиер Доналд Туск денеска по разговорот со шведскиот премиер Улф Кристерсон во Варшава изјави дека би била непростлива грешка доколку Унгарија стави вето на влезот на Шведска во западниот воен сојуз.

„Би било непростлива грешка доколку една земја членка на НАТО блокира друга држава која сака активно да работи во интерес на нашата заедничка безбедност. Шведска може да смета на Полска“, навел Туск на прес-конференција.

Полскиот премиер рече дека со Кристерсон разговарал за безбедносни прашања, особено за Балтичкото Море, што е заедничка обврска на Шведска и Полска.

„Имаме ист став кон руската агресија врз Украина. Не знаеме какви ќе бидат сценаријата, но знаеме дека Европа, САД, целиот НАТО пакт мора да бидат солидарни, одговорни и да дејствуваат рамо до рамо. Нема место за сомнежи и нелојалност“, изјавил полскиот премиер.

Шведскиот премиер апелираше Европската унија да воведе нов пакет санкции против Русија поради рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, за чија смрт Улф Кристерсон го обвини, како лично одговорен, рускиот претседател Владимир Путин.

„Путин мора да биде изведен пред лицето на правдата. Живееме во нова реалност, оптоварена со опасност и мора да ја зголемиме нашата одговорност за безбедноста и да го зголемиме производството на оружје“, истакна Кристерсон.

Премиерите разговараа и за зајакнување на соработката во спречувањето на миграцискиот притисок на границата со Русија и Белорусија.

„Заштитата на нашата граница со Русија и Белорусија е исто така дел од нашата одбрана како таква бидејќи и двата режима ја користат илегалната миграција како ново, специфично оружје на хибридна војна“, заклучи полскиот премиер.

Слични содржини