Лидерите на Европската унија денеска постигнаа спогодба за почеток на втората фаза за разговори за Брегзит, потврди претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

„ЕУ лидерите се договорија да почнат со втората фаза на разговори за Брегзит. Честитки до премиерката Тереза Меј“, објави Туск на Твитер.
Бидејќи потврдија дека е постигнат доволен напредок во првата фаза од разговорите за излегување на велика Британија од ЕУ, европските 27-мина на самитот во Брисел постигнаа договор за почеток на втората фаза која подразбира преговори за условите на транзицискиот период и изработка на рамка за идните односи.
Во Брисел велат дека приоритетите сега ќе бидат спроведување на договорот за правата на граѓаните, границата со Ирска и парите кои Велика Британија ќе треба да и ги исплати на унијата во правно обврзувачкиот договор за излез.
Истовремено ќе почнат работите на условите на транзицискиот период кој ќе следи по официјалното излегување на Велика Британија од ЕУ во март 2019 година, Британија бараше транзицијата да трае две години.
Во тој период Велика Британија треба и понатаму да ги почитува правилата на ЕУ и да придонесува во Буџетот, но без право на одлучување во ЕУ институциите.
Кога станува збор за идните трговски односи, тема на која Велика Британија инсистира од самиот почеток на преговорите, во ЕУ велат дека неопходно е прво да се знае како трговски договор сака Лондон.
Во Брисел додаваат дека за новиот трговски договор може да се разговара само со „трети земји“ што Велика Британија ќе стане дури вод март 2019 година.
Се вели дека за изработка на новиот трговски договор меѓу Велика Британија и ЕУ ќе биде потребно време, а како референца се наведуваат седумте години преговори меѓу Брисел и Канада за трговската спогодба.