Тутунарите најавуваат нови средби: Ништо не се менува, а следува најголемото преземање на тутунот

458 прегледи

Тутунарите и натаму се незадоволни од откупот на тутнот, иако тој се одвива непречено. Најавени се нови преговори за следната недела од страна на Сојузот на земјоделски здруженија и Иницијативниот одбор на тутунарите со владините инситуции и откупувачите, бидејќи, како што велат, треба да се добие решение во финалната фаза од кампањата во која се преземаат најголемите количества на тутун, односно 19.000 тони.

Претседателот на Сојузот на земјоделските здруженија, Менде Стомнароски посочи дека не е променето ништо, додека цената е иста и изнесува 167 денари. Барањата како што вели, се доставени до МЗШВ, инспекторатот, но и до премиерот.

„Идната недела треба да имаме состанок со министерот за земјоделство Хоџа, со премиерот. На теренот ситуацијата е речиси непроменета од пред празниците. Ние бараме да се купува според класите, а не според шифри што дел компании продолжуваат тоа да го прават, да се зголеми динамиката, иако минимално е зголемена, но не доволно, сѐ уште не се купува вишокот тутун, а треба, според ветувањето на Министерството, да се купат и преку 430 тони од компанијата „Далија табак“ која не почна откуп. Многу ќе зависи од најавената средба со министерството за земјоделство и со откупувачите“, истакна Стомнароски.

Претставникот на Иницијативниот одбор пак, Игор Мирчески, вели дека тутунарската мака и нивната битка за решавање на проблемот остануваат до крај.

„Протестите се во мирување, многу зависи в среда од средбата во министерството за земјоделство која штотуку ни ја најавија. Но проблеми може да настанат кога ќе се откупуваат големите количества, зашто за преземање се речиси 20 000 тони тутун. Тогаш, кога врeмето ќе измине, ќе биде голема нервоза кај тутунарите“, истакна Мирчески.

За откуп до крајот на февруари остануваат над 18 000 тони тутун. Досега се откупени преку 6.300 со просечна цена од 167 денари за килограм.

Слични содржини