Твитер ако ви е репер тогаш не сакам да цитирам што сè има напишано за вас, му порача Мицкоски на Филипче

Премиерот беше запрашан за свој став за конзулот Душан Адамовиќ кој во минатото на Твитер објавувал дека „Српска Македонија“ била окупирана

од Nikola Popovski
61 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска одговараше на пратеничко прашање за именувањето на Душан Адамовиќ за почесен конзул на Македонија во Србија, со седиште во Панчево. Претходно, како што објавија од СДСМ, Адамовиќ во минатото објавувал на социјалните мрежи дека „Српска Македонија“ била окупирана.

-Твитер ако ви е вас репер како политичка партија, тогаш јас не сакам да го цитирам Твитер што се има напишано за вас или за тие околу вас. За Душан Адамовиќ, ќе го прашате вашиот поранешен министер за правда во претходната Влада, тој ќе ви даде подобар одговор од мене, рече премиерот во своето обраќање од собраниската говорница.

Од СДСМ велат дека за Адамовиќ постојат информации оти во 2019 година бил посочен како дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Тие се повикуваат на јавни објави според кои тој во 2006 година преживеал напад со бомба, а во 2008 година бил ранет во ногата поради наводни долгови. Претходно поставија прашање до премиерот дали македонските безбедносни служби извршиле соодветни проверки пред неговото назначување и каква е личната врска на премиерот со оваа одлука.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ веднаш одговори на обвинувањата од СДСМ, тврдејќи дека иницијативата за поставување на Адамовиќ за почесен конзул не потекнува од актуелната власт. Тие велат дека предлогот за негово именување дошол од македонскиот амбасадор во Белград, кој на таа функција беше поставен во времето на владеењето на СДСМ и ДУИ.