Твитер објави „одбранбен план“ против намерата на шефот на Тесла и Спејс Икс, Илон Маск, да ја купи социјалната мрежа, според кој им овозможува на акционерите да купат нови акции.
Одборот на директори едногласно го усвои планот за правата на акционерите, познат и како „отровна пилула“, пренесува АФП.
„Планот за права ја намалува можноста секој ентитет, лице или група да добие контрола врз Твитер преку акумулација на отворен пазар без да им плати максимална цена на сите акционери со цел да добие контрола“, се вели во соопштението на социјалната мрежа.
Маск го шокираше технолошкиот свет со понудата да ја купи компанијата, додавајќи дека тоа го направил за да ја промовира слободата на говор преку оваа мрежа.
Овој најбогат човек на светот понуди 54,2 долари по акција, што ја одредува цената на 43 милијарди долари за Твитер.
Маск на конференција во Канада изјави дека „не е сигурен“ дека ќе успее и призна дека постои „план Б“, но одби да даде детали.
Подоцна изјави дека купил 73,5 милиони акции, или 9,2 отсто од акциите на Твитер и на тој начин го зголемил својот удел на повеќе од 25 отсто.
Планот на Одборот на директори се активира доколку некој купи 15 проценти или повеќе од акциите на Твитер во трансакции кои не се одобрени од ова тело.
Маск рече дека „технички може да си дозволи“ купување на компанијата, но не прецизираше детали за затворање на финансиската конструкција. Сепак, тој рече дека дел од парите ќе треба да ги позајми во форма на акции од неговите компании Тесла и Спејс Икс.