Твоја: Демократизација во пристапот кон сончевата енергија во услови на криза

од Vladimir Zorba
371 прегледи

Твоја партија во согласност со една од основните програмски определби за демократизација во пристапот кон сончевата енергија, уште еднаш ја повикува Владата да преземе активности со кои ќе се изменат сите подзаконски акти кои практично ги оневозможуваат граѓаните да поставуваат фотоволтаични панели на покривите на сопствените домови и со тоа сами да почнат да произведуваат електрична енергија, се вели во утринското соопштение.

„Бараме веднаш измена на прописите со кои на граѓаните ќе им се овозможи вишокот на произведена енергија да го предаваат во електро-енергетскиот систем а со можност тие количини да ги повлечат во период кога ќе имаат потреба, без притоа да им се одземаат вишоците кои евентуално би се појавиле при производството.

Напомнуваме дека со сегашното законско решение постојат две ограничувања кои во пракса оневозможуваат приватни инвестиции во оваа област:

– Дозволата за производител – потрошувач се дава само за инсталирана моќност до 4 kW инсталирана моќност и,

– Произведена електрична енергија која ќе се појави како вишок во одреден временски период мора да се продава на универзалниот снабдувач по цена од 0 денари,

Овие ограничувања само уште еднаш ја потврдуваат нашата теза дека прописите кои ја регулираат оваа област всушност се скроени по мерка на сопствениците на крупниот капитал кои добиваат и огромни субвенции од државата а ги обесправуваат обичните граѓани.

Ја потсетуваме Владата дека Македонија има околу 400.000 покриви на објекти кои се поволни за производство на електрична енергија и огромен е бројот на граѓаните кои би сакале сами да започнат производство на електрична енергија, но со сегашната регулатива практично тоа е економски неисплатливо“, додаваат од Твоја.

Слични содржини