Бугарски државјанин е уапсен поради навреда на грчките национални симболи во Кавала. Очевидци пријавиле во полиција дека Бугаринот го симнал грчкото знаме од пристаништето на Кавала и на негово место поставил бугарско знаме. Тој пред полицијата извикувал „ова е Бугарија“ и давал отпор при апсењето, објави „БНР“.
Според грчките медиуми, Бугаринот, кој има 35 години, порачал дека е член на некоја „екстремистичка организација“, која пропагира дека територијата на Северна Грција е бугарска.
Бил тестиран за дрога и алкохол, но не било пријавено дека е под дејство.
Обвинителството во Кавала покренало обвинение за сквернавење на националните симболи, соопштиле грчките власти. Бугаринот е пуштен на слобода до закажување на судското рочиште.
Дел од бугарските медиуми објавија дека на бугарскиот државјанин му била изречена забрана за напуштање на Грција, но сепак сакал да си замине. Не застанал на полициската блокада во Драма, но повторно бил фатен на грчко-бугарската граница.