Уапсен еден од најбараните мафијаши во светот, голема акција на полицијата во Бразил

од Stefanija Kuzmanovska

Мафијашкиот лидер, Италијанецот Роко Морабито, шверцер на дрога, кој е во бегство од јуни 2019 година по бегството од уругвајскиот затвор, беше уапсен во понеделникот во Жоао Песоа, на североистокот на Бразил, објавија властите.

Роко Морабито, кој се смета за водач на „Ндрагат“ (калабриска мафија), беше фатен „заедно со уште еден италијански бегалец“ чиј идентитет не е откриен, по „заедничката истрага на Бразил и Италија“, соопшти федералната полиција на Бразил.

Тоа се најбараните криминалци во Италија, според бразилската полиција.

„Од 90-тите години на минатиот век има траги од вмешаност на Роко Морабито во организирање трговија со дрога меѓу Бразил и Европа“, соопшти полицијата, која закажа прес-конференција во вторникот за да изнесе детали за операцијата.

Морабито (54) е уапсен по наредба на Врховниот суд.

Италијанското судство трага по Морабито од 1995 година под обвинение за нелегално здружување и трговија со дрога. Тој беше осуден во отсуство на 28 години затвор, а потоа на 30 години.

Италијанецот, кој важи за еден од најбараните криминалци во светот, беше уапсен во 2017 година во хотел во Монтевидео откако 13 години живеел во уругвајското летувалиште Пунти дел Есте под лажен идентитет.

Уругвајското правосудство ја одобри неговата екстрадиција во Италија во 2018 година, но во јуни 2019 година, тој успеа да избега преку покривот од најголемиот затвор во Монтевидео и оттогаш е во бегство.

Слични содржини